Псалми
Глава 139
- 1
Господи, Ти ме испита и ме познаваш целосно.
- 2
Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; уште оддалеку знаеш што мислам.
- 3
Знаеш кога одам и кога легнувам; познати Ти се сите мои патишта.
- 4
Уште пред зборот да ми дојде на јазикот, Ти, Господи, веќе го знаеш целиот.
- 5
Ме опкружуваш и одзади и однапред, и Својата рака ја положуваш врз мене.
- 6
Таквото знаење е премногу чудесно за мене, толку високо што не можам да го достигнам.
- 7
Каде би можел да одам за да бидам далеку од Твојот Дух? Каде би побегнал од Твоето присуство?
- 8
Ако се искачам на небото – Ти си таму; ако си постелам во гробот – и таму си Ти.
- 9
Ако се кренам на крилјата на зората и се населам на најдалечниот крај од морето,
- 10
дури и таму Твојата рака ќе ме води, а Твојата десна рака ќе ме држи.
- 11
Ако си речам: „Нека ме сокрие темнината и светлината околу мене нека стане ноќ“,
- 12
ни темнината не е темна за Тебе; ноќта пред Тебе свети како ден, зашто за Тебе темнината и светлината се исти.
- 13
Ти ја создаде мојата внатрешност и со грижа ме исткаја во утробата на мојата мајка.
- 14
Ќе Те славам, зашто ме создаде на страшен и чудесен начин. Чудесни се Твоите дела, и мојата душа добро го знае тоа.
- 15
Моите коски не беа скриени од Тебе кога бев создаван во тајност, кога бев вешто обликуван во земните длабочини.
- 16
Твоите очи го видоа моето необликувано тело, а во Твојата книга беа запишани сите мои денови уште пред да започне ниту еден од нив.
- 17
Колку ми се скапоцени Твоите мисли, Боже! И колку е огромен нивниот број!
- 18
Ако почнам да ги бројам, тие се побројни од песокот; а кога се будам, јас сѐ уште сум со Тебе.
- 19
Боже, кога би ги погубил безбожниците! Оддалечете се од мене, вие крвожедници!
- 20
Тие зборуваат злобно против Тебе, а Твоите непријатели залудно го употребуваат Твоето име.
- 21
Зар да не ги мразам, Господи, оние што Те мразат? Зар да не се гнасам од оние што се креваат против Тебе?
- 22
Ги мразам со целосна омраза; ги сметам за свои непријатели.
- 23
Испитај ме, Боже, и познај го моето срце; испробај ме и откриј ги моите мисли.
- 24
Погледни дали во мене има пат што Те навредува, и води ме по вечниот пат.