Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 144

  1. 1

    Славен нека биде Господ, мојата карпа, Кој ги обучува моите раце за војна и моите прсти за битка.

  2. 2

    Тој е мојата милост и мојата тврдина, мојата висока кула и мојот Избавител; Тој е мојот штит, и во Него се надевам. Тој го потчинува мојот народ под мене.

  3. 3

    Господи, што е човекот, па му посветуваш толкаво внимание? Што е човечкиот син, па се грижиш за него?

  4. 4

    Човекот е само како здив, а неговите денови се како сенка што брзо поминува.

  5. 5

    Господи, наведни ги небесата и слези; допри ги планините, и тие ќе зачадат.

  6. 6

    Пушти ги Своите молњи и распрсни ги непријателите; испрати ги Своите стрели и порази ги.

  7. 7

    Од височините протегни ја Својата рака; избави ме и извлечи ме од големите води и од рацете на туѓинците,

  8. 8

    чија уста зборува празни и лажни зборови, а чија десна рака е рака на измама.

  9. 9

    Боже, ќе Ти пеам нова песна; на харфа со десет жици ќе Ти упатувам пофалба.

  10. 10

    Ти им даваш победа на царевите и го избавуваш Својот слуга Давид од смртоносниот меч.

  11. 11

    Избави ме и ослободи ме од раката на туѓинците, чија уста зборува празни и лажни зборови, а чија десна рака е рака на измама.

  12. 12

    Нашите синови нека бидат како млади дрвја што добро израснале, а нашите ќерки како прекрасно извајани аголни столбови во дворец.

  13. 13

    Нашите житници нека бидат полни со секаква храна, а нашите овци нека се множат по илјадници и десетици илјади по пасиштата.

  14. 14

    Нашите волови нека бидат силни за работа; нека нема упади, ни бегство, ни пискот по нашите улици.

  15. 15

    Блажен е народот кому му е така; блажен е народот чиј Бог е Господ!