Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 2

  1. 1

    Зошто народите беснеат и племињата смислуваат залудни работи?

  2. 2

    Земните цареви се креваат, а владетелите се здружуваат против Господ и против Неговиот Помазаник:

  3. 3

    „Да ги раскинеме нивните окови и да ги отфрлиме нивните јажиња од себе!“

  4. 4

    Оној што седи на небесата се смее; Господ им се потсмева.

  5. 5

    Тогаш во Својот гнев ќе им проговори и со жестоката Своја лутина ќе ги исплаши:

  6. 6

    „Јас веќе го поставив Мојот Цар на Сион, на Мојата света гора.“

  7. 7

    Ќе ја објавам одлуката што Господ ја донесе. Тој Ми рече: „Ти си Мојот Син; денес Јас Те родив.

  8. 8

    Побарај од Мене, и ќе Ти ги дадам народите за наследство, а краиштата на земјата за Твоја сопственост.

  9. 9

    Со железен стап ќе ги скршиш и ќе ги распарчиш како грнчарски сад.“

  10. 10

    Затоа, цареви, вразумете се; примете поука, вие земни судии.

  11. 11

    Служете Му на Господ со стравопочит и радувајте се пред Него со трепет.

  12. 12

    Поклонете Му се на Синот, за да не се разгневи и да не загинете на патот, зашто Неговиот гнев брзо се разгорува. Блажени се сите што прибегнуваат кон Него.