Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 27

  1. 1

    Господ е мојата светлина и моето спасение — од кого да се плашам? Господ е тврдината на мојот живот — од кого да стравувам?

  2. 2

    Кога злосторниците, моите противници и непријатели, ми се приближија за да ме уништат, токму тие се сопнаа и паднаа.

  3. 3

    И цела војска да се крене против мене, срцето нема да ми се уплаши; и војна да избувне против мене, пак ќе останам со доверба.

  4. 4

    Само едно побарав од Господ и по тоа копнеам: да живеам во Господовиот дом во сите денови на својот живот, да ја гледам Господовата убавина и да Го барам во Неговиот храм.

  5. 5

    Зашто во лош ден Тој ќе ме скрие под Својот покрив; ќе ме засолни во скривалиштето на Својот шатор и ќе ме постави високо на карпа.

  6. 6

    Тогаш ќе ја кренам главата над непријателите што ме опкружуваат; во Неговиот шатор ќе принесувам жртви со радосни извици, ќе Му пеам и ќе Го славам Господ.

  7. 7

    Чуј го мојот глас, Господи, кога Те повикувам; биди милостив кон мене и одговори ми.

  8. 8

    Во срцето го слушам Твојот повик: „Барајте го Моето лице.“ Твоето лице, Господи, ќе го барам.

  9. 9

    Не го криј Своето лице од мене и не го отфрлај во гнев Својот слуга. Ти беше мој Помошник; не отфрлај ме и не оставај ме, Боже, мој Спасителу.

  10. 10

    И татко ми и мајка ми да ме остават, Господ ќе ме прими.

  11. 11

    Научи ме, Господи, на Својот пат и води ме по рамна патека поради оние што ме демнат.

  12. 12

    Не предавај ме на волјата на моите противници, зашто против мене станаа лажни сведоци што дишат насилство.

  13. 13

    Ќе пропаднев ако не верував дека уште во земјата на живите ќе ја видам Господовата добрина.

  14. 14

    Надевај се на Господ; биди храбар и нека ти се зацврсти срцето. Да, надевај се на Господ!