Псалми
Глава 5
- 1
Чуј ги моите зборови, Господи, и внимавај на моето воздивнување.
- 2
Слушни го гласот на мојот повик, Цару мој и Боже мој, зашто Тебе Ти се молам.
- 3
Господи, уште наутро ќе го чуеш мојот глас; наутро ќе ја принесам пред Тебе мојата молитва и со надеж ќе очекувам.
- 4
Ти не си Бог на Кого Му е мило беззаконието; злото не може да престојува кај Тебе.
- 5
Горделивите не можат да опстанат пред Твоите очи; Ти ги мразиш сите што прават зло.
- 6
Ги погубуваш оние што зборуваат лага; Господ се гнаси од крвожедниот и измамлив човек.
- 7
Но јас, поради Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот дом и со стравопочит ќе се поклонам пред Твојот свет храм.
- 8
Господи, поради моите непријатели води ме по патот на Твојата праведност; направи го Твојот пат јасен пред мене.
- 9
Во нивната уста нема искреност, а срцето им е полно со зло. Нивното грло е како отворен гроб, а со јазикот ласкаат.
- 10
Боже, прогласи ги за виновни! Нека пропаднат поради сопствените замисли; отфрли ги поради многуте престапи, зашто се побунија против Тебе.
- 11
А сите што се надеваат на Тебе нека се радуваат; нека пеат од радост засекогаш, зашто Ти ги закрилуваш. Нека ликуваат во Тебе сите што го сакаат Твоето име.
- 12
Зашто Ти, Господи, го благословуваш праведниот и го опкружуваш со Својата наклонетост како со штит.