Псалми
Глава 59
- 1
Избави ме од моите непријатели, Боже мој; постави ме на сигурно место, високо над оние што се креваат против мене.
- 2
Избави ме од оние што прават зло и спаси ме од крвожедни луѓе.
- 3
Ете, го демнат мојот живот; силни луѓе се собираат против мене, иако немам престап, Господи, ниту вина.
- 4
Иако сум невин, тие трчаат и се подготвуваат за напад. Разбуди се, излези ми во пресрет и погледни што прават!
- 5
Ти, Господи, Боже над војските, Израелев Боже, стани и казни ги сите народи; не поштедувај ниеден злобен предавник.
- 6
Навечер повторно се враќаат, вијат како кучиња и го обиколуваат градот.
- 7
Ете, од устата им излегуваат навреди; на нивните усни има мечеви, зашто си велат: „Кој воопшто нѐ слуша?“
- 8
Но Ти, Господи, ќе им се смееш; ќе им се потсмеваш на сите народи.
- 9
Сило моја, Тебе ќе Те чекам, зашто Бог е мојата тврдина.
- 10
Мојот милостив Бог ќе оди пред мене; Бог ќе ми даде да го видам поразот на оние што ме демнат.
- 11
Не убивај ги веднаш, за да не заборави мојот народ; со Својата сила распрсни ги и собори ги, Господи, наш Штите.
- 12
Поради гревот на нивната уста и зборовите на нивните усни, нека бидат фатени во сопствената гордост, поради клетвите и лагите што ги изговараат.
- 13
Уништи ги во Својот гнев, уништи ги за повеќе да ги нема; нека знаат дека Бог владее над Јаков и до краиштата на земјата.
- 14
Секоја вечер нека се враќаат, нека вијат како кучиња и нека талкаат низ градот.
- 15
Нека скитаат барајќи храна, и ако не се наситат, нека ја поминат ноќта гладни.
- 16
А јас ќе пеам за Твојата сила и секое утро гласно ќе ја славам Твојата милост, зашто Ти ми беше тврдина и засолниште во денот на мојата неволја.
- 17
О, Сило моја, Тебе ќе Ти пеам, зашто Бог е мојата тврдина, Бог Кој ми покажува милост.