Псалми
Глава 7
- 1
Господи, Боже мој, во Тебе се засолнувам; спаси ме од сите што ме гонат и избави ме,
- 2
за да не ме растргнат како лав и да не ме распарчат кога нема кој да ме избави.
- 3
Господи, Боже мој, ако сум го направил тоа, ако има неправда на моите раце,
- 4
ако со зло сум му возвратил на оној што живееше во мир со мене, или без причина сум го ограбил мојот непријател,
- 5
тогаш нека ме гони непријателот и нека ме стигне; нека го згази мојот живот до земја и нека ја фрли мојата чест во прав.
- 6
Стани, Господи, во Својот гнев; крени се против бесот на моите противници. Разбуди се заради мене и изврши го судот што си го определил.
- 7
Нека се соберат народите околу Тебе, а Ти застани високо над нив.
- 8
Господ им суди на народите. Суди ми, Господи, според мојата праведност и според непорочноста што е во мене.
- 9
Нека престане злото на безбожните, а праведниот зацврсти го, праведен Боже, Ти што ги испитуваш срцата и најскриените мисли.
- 10
Бог е мојот штит; Тој ги спасува оние што имаат искрено срце.
- 11
Бог е праведен Судија, Бог Кој секој ден се гневи на злото.
- 12
Ако човекот не се врати од својот пат, Бог ќе го наостри Својот меч; веќе го затегна лакот и го подготви.
- 13
За безбожникот Тој подготвува смртоносно оружје и ги прави Своите стрели огнени.
- 14
Ете, безбожниот зачнува зло, носи неправда во себе и на крај раѓа лага.
- 15
Ископа длабока јама, но на крајот самиот падна во дупката што ја ископа.
- 16
Злото што го прави ќе му се врати врз главата, а неговото насилство ќе падне врз неговото теме.
- 17
Ќе Го славам Господ за Неговата праведност и ќе Му пеам на Господ Севишниот.