Псалми
Глава 71
- 1
На Тебе, Господи, се надевам; не дозволувај никогаш да бидам посрамен.
- 2
Според Својата праведност избави ме и ослободи ме; наведни го увото кон мене и спаси ме.
- 3
Биди ми карпа на која секогаш можам да се засолнам; Ти заповеда да бидам спасен, зашто Ти си мојата карпа и мојата тврдина.
- 4
Боже мој, избави ме од раката на безбожникот, од власта на престапникот и насилникот.
- 5
Зашто Ти, Господи Боже, си мојата надеж; на Тебе се потпирам уште од својата младост.
- 6
На Тебе се потпирам уште од раѓањето; Ти ме изведе од утробата на мојата мајка. Тебе постојано ќе Те славам.
- 7
Во очите на многумина станав како чуден знак, но Ти остануваш моето силно прибежиште.
- 8
Мојата уста е полна со пофалба кон Тебе и секој ден зборува за Твојата слава.
- 9
Не отфрлај ме кога ќе остарам; не оставај ме кога силата ќе ме напушти.
- 10
Зашто моите непријатели зборуваат против мене, а оние што го демнат мојот живот се договараат меѓу себе.
- 11
Тие велат: „Бог го оставил! Тргнете по него и фатете го, зашто нема кој да го избави!“
- 12
Боже, не оддалечувај се од мене; Боже мој, побрзај да ми помогнеш!
- 13
Нека се посрамат и исчезнат оние што се креваат против мене; со срам и понижување нека се покријат оние што ми посакуваат зло.
- 14
А јас и понатаму ќе се надевам на Тебе и сѐ повеќе ќе Те славам.
- 15
Мојата уста цел ден ќе зборува за Твојата праведност и за спасението што го извршуваш, зашто Твоите дела не можам ни да ги избројам.
- 16
Ќе дојдам и ќе раскажувам за моќните дела на Господ Бог; ќе ја спомнувам само Твојата праведност.
- 17
Боже, Ти ме поучуваш уште од мојата младост, и до денес ги објавувам Твоите чудесни дела.
- 18
И кога ќе остарам и косата ќе ми побели, Боже, не оставај ме додека не ја објавам Твојата сила на следното поколение и Твојата моќ на сите што ќе дојдат.
- 19
Твојата праведност, Боже, се издига до небесните височини. Ти направи големи дела — кој е како Тебе, Боже?
- 20
Ти дозволи да поминам низ многу тешки неволји, но повторно ќе ми дадеш живот и ќе ме изведеш од земните длабочини.
- 21
Ќе ја зголемиш мојата чест и одново ќе ме утешиш.
- 22
Тогаш ќе Те славам со лира поради Твојата верност, Боже мој; ќе Ти пеам со харфа, Светецу Израелев.
- 23
Моите усни радосно ќе воскликнуваат кога ќе Ти пеам; ќе се радува и мојата душа, која Ти ја откупи.
- 24
И мојот јазик цел ден ќе зборува за Твојата праведност, зашто посрамени и понижени се оние што ми посакуваа зло.