Псалми
Глава 72
- 1
Боже, дај му ги Своите праведни судови на царот и Својата праведност на царскиот син,
- 2
за праведно да му суди на Твојот народ и со правда да ги брани угнетените.
- 3
Планините нека му донесат мир на народот, а ридовите нека донесат праведност.
- 4
Нека им донесе правда на угнетените од народот, нека ги спаси децата на сиромашните и нека го скрши насилникот.
- 5
Нека имаат страв од Тебе сѐ додека трае сонцето и додека постои месечината, од поколение до поколение.
- 6
Тој ќе дојде како дожд врз окосена ливада, како ситен дожд што ја напојува земјата.
- 7
Во неговите денови праведниот ќе цвета и ќе има изобилен мир сѐ додека постои месечината.
- 8
Неговото владеење ќе се протега од море до море и од Еуфрат до краиштата на земјата.
- 9
Пред него ќе клекнат пустинските жители, а неговите непријатели ќе ја лижат правта.
- 10
Царевите на Таршиш и островите ќе донесуваат подароци; царевите на Сева и Шева ќе принесуваат дарови.
- 11
Сите цареви ќе му се поклонат, и сите народи ќе му служат.
- 12
Зашто тој ќе го избави сиромашниот кога повикува и угнетениот што нема никој да му помогне.
- 13
Ќе се смилува на сиромашниот и бедниот и ќе ги спаси животите на немоќните.
- 14
Од угнетување и насилство ќе им го откупи животот, а нивната крв ќе биде скапоцена во неговите очи.
- 15
Нека живее! Нека му дадат од златото на Шева; постојано нека се молат за него и цел ден нека му посакуваат благослов.
- 16
Нека има изобилство жито по земјата, дури и по врвовите на планините; неговиот плод нека се ниша како ливанските дрвја, а жителите на градовите нека цветаат како тревата на земјата.
- 17
Неговото име нека трае довека и нека се продолжува додека свети сонцето. Преку него луѓето ќе примаат благослов и сите народи ќе го нарекуваат блажен.
- 18
Славен нека биде Господ, Израелевиот Бог, Кој единствен прави чудеса!
- 19
Славно нека биде Неговото величествено име довека! Нека се исполни целата земја со Неговата слава! Амин и амин!
- 20
Со ова завршуваат молитвите на Давид, Јесеевиот син.