Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 77

  1. 1

    Со својот глас повикувам кон Бог; гласно Го повикувам, и Тој ме слуша.

  2. 2

    Во денот на неволјата Го барав Господ; цела ноќ ја пружав раката без да престанам, а душата не сакаше да се утеши.

  3. 3

    Се сеќавам на Бог и се вознемирувам; ја излевам својата жалост и духот ми слабее.

  4. 4

    Ти не им дозволуваш на моите очи да заспијат; толку сум вознемирен што не можам ни да зборувам.

  5. 5

    Размислувам за древните денови, за годините што одамна поминале.

  6. 6

    Ноќе се сеќавам на својата песна; размислувам во срцето и мојот дух внимателно испитува:

  7. 7

    „Зар Господ ќе отфрла довека? Зар никогаш повеќе нема да покаже наклонетост?

  8. 8

    Зар Неговата милост засекогаш престана? Зар Неговото ветување пропадна за сите поколенија?

  9. 9

    Зар Бог веќе не покажува милост? Зар во Својот гнев го задржа Своето милосрдие?“

  10. 10

    Тогаш си реков: „Ова е мојата најголема болка — помислата дека десната рака на Севишниот се променила.“

  11. 11

    Но ќе се сеќавам на Господовите дела; ќе ги паметам Твоите чудеса од древноста.

  12. 12

    Ќе размислувам за сето она што Ти го направи и ќе зборувам за Твоите големи подвизи.

  13. 13

    Боже, Твојот пат е свет! Кој друг бог е толку голем како нашиот Бог?

  14. 14

    Ти си Бог Кој прави чудеса и ја покажа Својата сила пред народите.

  15. 15

    Со Својата силна рака го откупи Својот народ, потомците на Јаков и Јосиф.

  16. 16

    Водите Те видоа, Боже; Те видоа и се исплашија, а и бездните затреперија.

  17. 17

    Облаците излеаја поројни води, небото загрме, а Твоите стрели летаа на сите страни.

  18. 18

    Твојот гром одекнуваше во виорот; молњите ја осветлуваа вселената, а земјата се тресеше и се разнишуваше.

  19. 19

    Твојот пат минуваше низ морето и Твојата патека низ големите води, но никој не можеше да ги види Твоите стапки.

  20. 20

    Го водеше Својот народ како стадо, преку рацете на Мојсеј и Арон.