Псалми
Глава 83
- 1
Боже, немој да молчиш; не останувај безгласен и нем!
- 2
Ете, Твоите непријатели креваат врева, а оние што Те мразат горделиво ја креваат главата.
- 3
Смислуваат лукави планови против Твојот народ и се договараат против оние што Ти ги заштитуваш.
- 4
Велат: „Дојдете, да ги истребиме за повеќе да не бидат народ и името на Израел никогаш веќе да не се спомнува!“
- 5
Еднодушно се договорија и склучија сојуз против Тебе:
- 6
Едом и Исмаелците, Моав заедно со Хагријците,
- 7
Гевал, Амон и Амалек, Филистеја заедно со жителите на Тир.
- 8
И Асирија им се придружи; станаа силна потпора на Лотовите синови.
- 9
Постапи со нив како со Мидјанците, како со Сисра и Јавин кај потокот Кишон,
- 10
кои загинаа кај Ејн-Дор и станаа како ѓубриво за земјата.
- 11
Нивните благородници направи ги како Орев и Зеев, а сите нивни владетели како Зевах и Цалмуна,
- 12
оние што рекоа: „Да ги присвоиме за себе Божјите живеалишта!“
- 13
Боже мој, направи ги како прав што се врти во виор, како плева што ветерот ја разнесува.
- 14
Како што огнот ја проголтува шумата и пламенот ги запалува планините,
- 15
така и нив гони ги со Својата бура и преплаши ги со Својот виор.
- 16
Покриј им ги лицата со срам, за конечно да го побараат Твоето име, Господи.
- 17
Нека се посрамат и ужаснат засекогаш; нека бидат збунети и нека загинат,
- 18
за сите да знаат дека само Ти, Чие име е Господ, си Севишен над целата земја.