Псалми
Глава 84
- 1
Колку ми се мили Твоите живеалишта, Господи над војските!
- 2
Мојата душа копнее, дури и премалува по Господовите дворови; и срцето и телото ми воскликнуваат кон живиот Бог.
- 3
Дури и врапчето си наоѓа дом, а ластовичката гнездо каде што ги положува своите млади, близу до Твоите жртвеници, Господи над војските, Цару мој и Боже мој.
- 4
Блажени се оние што живеат во Твојот дом; тие постојано ќе Те слават.
- 5
Блажен е човекот чија сила е во Тебе и чие срце копнее по патиштата што водат кон Твојот дом.
- 6
Кога минуваат низ Долината на плачот, ја претвораат во место полно со извори; и есенскиот дожд ја покрива со благослов.
- 7
Одат од сила во сила, сѐ додека секој од нив не застане пред Бог на Сион.
- 8
Господи, Боже над војските, чуј ја мојата молитва; наведни го увото кон мене, Боже Јаковов.
- 9
Боже, Ти си нашиот Штит; погледни го лицето на Својот помазаник.
- 10
Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар од илјада на друго место. Повеќе сакам да стојам на прагот од домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на безбожноста.
- 11
Зашто Господ Бог е и сонце и штит; Тој дава милост и слава и не им скратува никакво добро на оние што живеат непорочно.
- 12
Господи над војските, блажен е оној што ја полага својата надеж во Тебе!