Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 86

  1. 1

    Господи, наведни го увото кон мене и одговори ми, зашто сум сиромашен и немоќен.

  2. 2

    Зачувај ми го животот, зашто Ти сум посветен; Боже мој, спаси го Својот слуга што се надева на Тебе.

  3. 3

    Биди милостив кон мене, Господи, зашто кон Тебе повикувам цел ден.

  4. 4

    Развесели ја душата на Својот слуга, зашто кон Тебе, Господи, ја вознесувам својата душа.

  5. 5

    Ти, Господи, си добар и секогаш подготвен да простиш; изобилуваш со милост кон сите што Те повикуваат.

  6. 6

    Господи, слушни ја мојата молитва и обрни внимание на гласот на моето молење.

  7. 7

    Во денот на мојата неволја ќе Те повикам, зашто знам дека ќе ми одговориш.

  8. 8

    Меѓу боговите нема никој како Тебе, Господи, и нема дела што можат да се споредат со Твоите.

  9. 9

    Сите народи што Ти ги создаде ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи; ќе го прославуваат Твоето име.

  10. 10

    Зашто Ти си велик и правиш чудесни дела; Ти си единствениот Бог.

  11. 11

    Научи ме, Господи, на Својот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; дај ми неподелено срце, за да има страв од Твоето име.

  12. 12

    Ќе Те славам, Господи, Боже мој, со сето свое срце и ќе го прославувам Твоето име довека.

  13. 13

    Зашто Твојата милост кон мене е голема; ја избави мојата душа од длабочините на светот на мртвите.

  14. 14

    Боже, горделивите се кренаа против мене, а толпа насилници го бараат мојот живот; тие воопшто не Те поставија пред себе.

  15. 15

    Но Ти, Господи, си Бог полн со милост и добрина, бавен на гнев и богат со милост и верност.

  16. 16

    Сврти се кон мене и биди милостив; дај му од Својата сила на Својот слуга и спаси го синот на Својата слугинка.

  17. 17

    Покажи ми знак на Својата наклонетост, за да го видат оние што ме мразат и да се посрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши.