Псалми
Глава 9
- 1
Ќе Те славам, Господи, со сето свое срце и ќе раскажувам за сите Твои чудесни дела.
- 2
Ќе се веселам и ќе се радувам во Тебе; ќе пеам во чест на Твоето име, Севишен.
- 3
Кога моите непријатели се повлекуваат, тие се сопнуваат и загинуваат пред Тебе.
- 4
Ти го одбрани моето право и мојот случај; седна на престолот и донесе праведна пресуда.
- 5
Ги укори народите и ги погуби безбожните; нивното име го избриша засекогаш.
- 6
Непријателите исчезнаа, оставајќи зад себе вечни урнатини; Ти им ги разурна градовите и исчезна дури и споменот за нив.
- 7
Но Господ царува засекогаш; Тој го постави Својот престол за суд.
- 8
Тој праведно ќе му суди на светот и справедливо ќе им пресудува на народите.
- 9
Господ е засолниште за угнетениот, сигурно прибежиште во време на неволја.
- 10
Во Тебе се надеваат оние што го познаваат Твоето име, зашто Ти, Господи, никогаш не ги оставаш оние што Те бараат.
- 11
Пејте Му на Господ, Кој живее на Сион; објавувајте ги Неговите дела меѓу народите.
- 12
Зашто Оној што бара одговорност за пролеаната крв се сеќава на угнетените и не го заборава нивниот повик.
- 13
Биди милостив кон мене, Господи; погледни ја неволјата што ми ја нанесуваат оние што ме мразат, Ти што ме издигнуваш од вратите на смртта,
- 14
за да ги објавувам сите Твои славни дела пред портите на Сионовата ќерка и да се радувам на Твоето спасение.
- 15
Народите паднаа во јамата што сами ја ископаа; ногата им се заплетка во мрежата што сами ја сокрија.
- 16
Господ се покажа преку праведниот суд што го изврши; безбожниот се фати во делото на сопствените раце.
- 17
Безбожните ќе се вратат во гробот, како и сите народи што Го забораваат Бог.
- 18
Но сиромашниот нема да биде заборавен засекогаш, ниту надежта на кротките ќе исчезне довека.
- 19
Стани, Господи! Не дозволувај човекот да надвладее; нека излезат народите пред Тебе на суд.
- 20
Исполни ги со страв, Господи, за да знаат народите дека се само луѓе.