Псалми
Глава 96
- 1
Пејте Му на Господ нова песна; цела земјо, пеј Му на Господ!
- 2
Пејте Му на Господ и славете го Неговото име; од ден на ден објавувајте го Неговото спасение.
- 3
Меѓу народите објавувајте ја Неговата слава, а меѓу сите племиња Неговите чудесни дела.
- 4
Зашто Господ е велик и достоен за најголема пофалба; Тој е над сите богови и е достоен за стравопочит.
- 5
Сите богови на народите се ништожни идоли, а Господ е Оној што ги создаде небесата.
- 6
Пред Него се сјајот и величието; во Неговото светилиште се силата и убавината.
- 7
Оддајте Му на Господ, племиња на народите, оддајте Му ја славата и силата што Му припаѓаат.
- 8
Оддајте Му ја на Господ славата на Неговото име; донесете дарови и влезете во Неговите дворови.
- 9
Поклонете Му се на Господ во убавината на светоста; треперете пред Него, сите земји.
- 10
Кажувајте меѓу народите: „Господ царува!“ Светот е цврсто поставен и нема да се разниша; Тој праведно ќе им суди на народите.
- 11
Нека се веселат небесата и нека се радува земјата; морето нека бучи заедно со сѐ што го исполнува.
- 12
Нека се веселат полињата и сѐ што е на нив; тогаш од радост ќе запеат сите шумски дрвја
- 13
пред Господ, зашто Тој доаѓа – доаѓа да ѝ суди на земјата. На светот ќе му суди праведно, а на народите според Својата верност.