Псалми
Глава 97
- 1
Господ царува! Нека се радува земјата и нека се веселат многубројните острови.
- 2
Облаци и темнина се околу Него; праведноста и правдата се темел на Неговиот престол.
- 3
Оган оди пред Него и ги проголтува Неговите противници од сите страни.
- 4
Неговите молњи го осветлуваат светот; земјата го гледа тоа и трепери.
- 5
Пред Господ планините се топат како восок, пред Господарот на целата земја.
- 6
Небесата ја разгласуваат Неговата праведност, а сите народи ја гледаат Неговата слава.
- 7
Нека се посрамат сите што им служат на изрезбани ликови и се фалат со своите идоли. Поклонете Му се, сите богови!
- 8
Сион го слушна тоа и се израдува, а Јудините ќерки се развеселија поради Твоите судови, Господи.
- 9
Зашто Ти, Господи, си Севишен над целата земја и си возвишен далеку над сите богови.
- 10
Вие што Го сакате Господ, мразете го злото! Тој ги пази животите на Своите свети и ги избавува од рацете на безбожниците.
- 11
Светлина изгрева за праведниот, а радост за оние со искрено срце.
- 12
Радувајте се во Господ, праведници, и благодарете Му кога се сеќавате на Неговата светост.