Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 10

  1. 1

    Браќа, желбата на моето срце и мојата молитва кон Бог за Израел се за негово спасение.

  2. 2

    Им сведочам дека имаат ревност за Бог, но не според вистинското познавање.

  3. 3

    Не познавајќи ја Божјата праведност и обидувајќи се да ја воспостават својата, не ѝ се покорија на Божјата праведност.

  4. 4

    Зашто Христос е крајот на Законот за праведност на секој што верува.

  5. 5

    Мојсеј пишува за праведноста што е од Законот: „Човекот што ќе ги извршува тие заповеди ќе живее преку нив.“

  6. 6

    Но праведноста што е од верата вели вака: „Не кажувај во своето срце: ‚Кој ќе се искачи на небото?‘“ – односно, да Го симне Христос;

  7. 7

    или: „Кој ќе слезе во бездната?“ – односно, да Го изведе Христос од мртвите.

  8. 8

    Туку што вели? „Зборот е близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце“ – тоа е зборот на верата што го проповедаме.

  9. 9

    Ако со својата уста исповедаш дека Исус е Господ и во своето срце веруваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе бидеш спасен.

  10. 10

    Зашто верувањето со срцето води до праведност, а исповедањето со устата до спасение.

  11. 11

    Писмото вели: „Секој што верува во Него нема да се посрами.“

  12. 12

    Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден ист Господ е над сите и богат е кон сите што Го повикуваат.

  13. 13

    Зашто: „Секој што ќе го повика името на Господ ќе биде спасен.“

  14. 14

    Но како ќе Го повикаат Оној во Кого не поверувале? Како ќе поверуваат во Оној за Кого не чуле? А како ќе чујат без некој да им проповеда?

  15. 15

    И како ќе проповедаат, ако не бидат испратени? Како што е напишано: „Колку се прекрасни нозете на оние што донесуваат добри вести!“

  16. 16

    Но не сите го послушаа Евангелието. Зашто Исаија вели: „Господи, кој поверува во нашата порака?“

  17. 17

    Значи, верата доаѓа од слушањето, а слушањето преку зборот на Христос.

  18. 18

    Но прашувам: зар не чуја? Секако дека чуја: „Нивниот глас се разнесе по целата земја, а нивните зборови до краиштата на светот.“

  19. 19

    Повторно прашувам: зар Израел не разбра? Најнапред Мојсеј вели: „Ќе предизвикам ревност кај вас преку оние што не се народ; ќе ве разгневам преку неразумен народ.“

  20. 20

    А Исаија смело вели: „Ме најдоа оние што не Ме бараа; им се открив на оние што не прашуваа за Мене.“

  21. 21

    Но за Израел вели: „Цел ден ги протегав Своите раце кон непослушен и противречен народ.“