Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 9

  1. 1

    Ја кажувам вистината во Христос, не лажам, а мојата совест ми сведочи преку Светиот Дух,

  2. 2

    дека имам голема жалост и непрестајна болка во своето срце.

  3. 3

    Би посакал самиот да бидам проколнат и одвоен од Христос заради своите браќа, моите сонародници по тело.

  4. 4

    Тие се Израелци; ним им припаѓаат посинувањето, славата, заветите, давањето на Законот, богослужението и ветувањата.

  5. 5

    Нивни се и татковците, а од нив по тело потекнува Христос, Кој е над сите, Бог благословен засекогаш. Амин!

  6. 6

    Но тоа не значи дека Божјиот збор не се исполнил. Зашто не се сите што потекнуваат од Израел вистински Израелци,

  7. 7

    ниту пак се сите деца на Авраам само затоа што се негово потомство, туку: „Преку Исак ќе се нарече твоето потомство.“

  8. 8

    Тоа значи дека не се Божји деца децата по тело, туку децата на ветувањето се сметаат за потомство.

  9. 9

    Зашто ветувањето гласеше: „Во определеното време ќе дојдам, и Сара ќе има син.“

  10. 10

    И не само тоа, туку и Ревека зачна близнаци од еден човек – нашиот татко Исак.

  11. 11

    Уште пред да се родат и да направат нешто добро или зло – за да остане Божјата намера заснована врз изборот, не поради дела, туку поради Оној Кој повикува –

  12. 12

    ѝ беше кажано: „Постариот ќе му служи на помладиот.“

  13. 13

    Како што е напишано: „Јаков го засакав, а Исав го замразив.“

  14. 14

    Што тогаш ќе кажеме? Има ли неправедност кај Бог? Никако!

  15. 15

    Зашто Тој му вели на Мојсеј: „Ќе се смилувам на оној на кого ќе се смилувам, и ќе покажам милост кон оној кон кого ќе покажам милост.“

  16. 16

    Значи, тоа не зависи од оној што сака, ниту од оној што се труди, туку од Бог, Кој покажува милост.

  17. 17

    Зашто Писмото му вели на фараонот: „Токму затоа те издигнав – за врз тебе да ја покажам Својата сила и Моето име да се разгласи по целата земја.“

  18. 18

    Значи, Тој покажува милост кон кого сака, а кого сака го закоравува.

  19. 19

    [Тогаш] ќе ми речеш: „Зошто Бог уште нѐ обвинува? Кој може да ѝ се спротивстави на Неговата волја?“

  20. 20

    Но кој си ти, човеку, да Му одговараш на Бог? Зар создаденото ќе Му рече на Создателот: „Зошто ме направи ваков?“

  21. 21

    Зар грнчарот нема власт над глината, од истата смеса да направи еден сад за почесна, а друг за обична употреба?

  22. 22

    А што ако Бог, сакајќи да го покаже Својот гнев и да ја објави Својата сила, со голема трпеливост ги поднесуваше садовите на гневот, приготвени за погибел,

  23. 23

    за да го објави богатството на Својата слава врз садовите на милоста, кои однапред ги приготви за слава?

  24. 24

    Ние сме тие што Тој ги повика не само од Јудејците, туку и од незнабожците.

  25. 25

    Како што вели и во Осија: „Оние што не беа Мој народ ќе ги наречам ‚Мој народ‘, а онаа што не беше сакана – ‚сакана‘.“

  26. 26

    „И на местото каде што им беше кажано: ‚Вие не сте Мој народ‘, таму ќе бидат наречени ‚синови на живиот Бог‘.“

  27. 27

    А Исаија извикува за Израел: „Иако бројот на Израелевите синови е како морскиот песок, само остаток ќе биде спасен.

  28. 28

    Зашто Господ ќе ја изврши Својата одлука на земјата целосно и брзо.“

  29. 29

    И како што Исаија однапред рече: „Ако Господ над Војските не ни оставеше потомство, ќе станевме како Содом и ќе наликувавме на Гомора.“

  30. 30

    Што тогаш ќе кажеме? Незнабожците, кои не се стремеа кон праведност, ја достигнаа праведноста – праведноста што е преку вера.

  31. 31

    А Израел, кој се стремеше кон закон на праведност, не ја достигна целта на Законот.

  32. 32

    Зошто? Затоа што не ја бараше преку вера, туку како да се добива преку дела. Тие се сопнаа на Каменот на сопнување,

  33. 33

    како што е напишано: „Еве, поставувам на Сион Камен од Кој луѓето ќе се сопнуваат и Карпа поради која ќе паѓаат; но оној што верува во Него нема да се посрами.“