Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 8

  1. 1

    Затоа сега нема никаква осуда за оние што се во Христос Исус.

  2. 2

    Зашто законот на Духот на животот во Христос Исус те ослободи од законот на гревот и смртта.

  3. 3

    Она што Законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го направи Бог: Го испрати Својот Син во облик сличен на грешното тело и, како жртва за гревот, го осуди гревот во телото,

  4. 4

    та праведното барање на Законот да се исполни во нас, кои не живееме според телото, туку според Духот.

  5. 5

    Оние што живеат според телото размислуваат за телесните работи, а оние што живеат според Духот – за духовните.

  6. 6

    Телесното размислување е смрт, а духовното размислување е живот и мир.

  7. 7

    Зашто телесното размислување е непријателство против Бог: не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може.

  8. 8

    Оние што живеат според телото не можат да Му угодат на Бог.

  9. 9

    Но вие не живеете според телото, туку според Духот, ако навистина Божјиот Дух живее во вас. Ако некој Го нема Христовиот Дух, тој не Му припаѓа на Христос.

  10. 10

    Ако Христос е во вас, телото е мртво поради гревот, а духот е живот поради праведноста.

  11. 11

    Ако во вас живее Духот на Оној Кој Го воскресна Исус од мртвите, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите ќе ги оживее и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.

  12. 12

    И така, браќа, ние не сме му должници на телото, за да живееме според телото.

  13. 13

    Зашто, ако живеете според телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе живеете.

  14. 14

    Сите што се водени од Божјиот Дух се Божји синови.

  15. 15

    Зашто не примивте дух на ропство, та повторно да живеете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого викаме: „Ава, Татко!“

  16. 16

    Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји деца.

  17. 17

    А ако сме деца, тогаш сме и наследници – Божји наследници и сонаследници со Христос, ако навистина страдаме со Него, за со Него и да бидеме прославени.

  18. 18

    Сметам дека страдањата на сегашното време не можат да се споредат со славата што ќе се открие во нас.

  19. 19

    Зашто создаденото со силен копнеж го очекува откривањето на Божјите синови.

  20. 20

    Создаденото беше потчинето на суетата, не по своја волја, туку по волјата на Оној Кој го потчини, со надеж

  21. 21

    дека и самото создадено ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето и ќе влезе во слободата на славата на Божјите деца.

  22. 22

    Знаеме дека целото создадено заедно воздивнува и страда како во породилни болки сѐ до сега.

  23. 23

    И не само создаденото, туку и ние, кои ги имаме првите плодови на Духот, воздивнуваме во себе, очекувајќи го посинувањето – откупувањето на нашето тело.

  24. 24

    Во таа надеж бевме спасени. Но надежта што се гледа не е надеж, зашто кој се надева на она што веќе го гледа?

  25. 25

    Но ако се надеваме на она што не го гледаме, го очекуваме со истрајност.

  26. 26

    Исто така и Духот ни помага во нашата слабост. Не знаеме за што треба да се молиме, но Самиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздивнувања.

  27. 27

    А Оној Кој ги испитува срцата знае што има на ум Духот, зашто Духот се застапува за светите според Божјата волја.

  28. 28

    Знаеме дека на оние што Го љубат Бог сѐ им содејствува за добро, на оние што се повикани според Неговата намера.

  29. 29

    Зашто оние што однапред ги позна, нив и ги определи однапред да бидат сообразени со ликот на Неговиот Син, за Тој да биде Првороден меѓу многу браќа.

  30. 30

    А оние што ги определи однапред, нив и ги повика; оние што ги повика, нив и ги оправда; а оние што ги оправда, нив и ги прослави.

  31. 31

    Што тогаш ќе кажеме на ова? Ако Бог е за нас, кој може да биде против нас?

  32. 32

    Оној Кој не Го поштеди Својот Син, туку Го предаде за сите нас, како нема заедно со Него да ни подари сѐ?

  33. 33

    Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог е Оној Кој ги оправдува.

  34. 34

    Кој ќе ги осуди? Христос [Исус] е Оној Кој умре, а уште повеќе – Кој беше воскреснат, Кој е од десната страна на Бог и Кој се застапува за нас.

  35. 35

    Кој ќе нѐ оддели од Христовата љубов? Неволја ли, тескоба, прогонство, глад, голотија, опасност или меч?

  36. 36

    Како што е напишано: „Заради Тебе нѐ убиваат по цел ден; нѐ сметаат за овци определени за колење.“

  37. 37

    Но во сето тоа сме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ засака.

  38. 38

    Уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни началствата, ни сегашноста, ни иднината, ни силите,

  39. 39

    ни височината, ни длабочината, ниту кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господ.