Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 12

  1. 1

    Затоа ве молам, браќа, поради Божјата милост: принесете ги своите тела како жива, света и на Бог угодна жртва – тоа е вашето разумно богослужение.

  2. 2

    Не сообразувајте се со овој век, туку преобразувајте се преку обновувањето на својот ум, за да можете да ја препознаете Божјата волја – она што е добро, угодно и совршено.

  3. 3

    Преку благодатта што ми е дадена, му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повисоко отколку што треба, туку да размислува трезвено, според мерата на верата што Бог му ја дал на секого.

  4. 4

    Како што во едно тело имаме многу делови, а сите делови немаат иста служба,

  5. 5

    така и ние, иако сме многумина, сме едно тело во Христос, а поединечно сме членови еден на друг.

  6. 6

    Имаме различни дарови, според благодатта што ни е дадена: ако некој има дар на пророштво, нека пророкува според мерата на верата;

  7. 7

    ако има дар на служење, нека служи; ако е учител, нека поучува;

  8. 8

    ако охрабрува, нека охрабрува; кој дава, нека дава великодушно; кој управува, нека го прави тоа ревносно; кој покажува милост, нека го прави тоа радосно.

  9. 9

    Љубовта нека биде нелицемерна. Мразете го злото и држете се цврсто за доброто.

  10. 10

    Сакајте се еден со друг со братска љубов; натпреварувајте се во укажувањето чест еден на друг.

  11. 11

    Во ревноста не бидете мрзливи; бидете пламени во духот и служете Му на Господ.

  12. 12

    Радувајте се во надежта, бидете трпеливи во неволјата и истрајни во молитвата.

  13. 13

    Помагајте им на светите во нивните потреби и трудете се да бидете гостољубиви.

  14. 14

    Благословувајте ги оние што [ве] прогонуваат; благословувајте ги, а не колнете ги.

  15. 15

    Радувајте се со оние што се радуваат и плачете со оние што плачат.

  16. 16

    Живејте во слога еден со друг. Не стремете се кон високи работи, туку дружете се со понизните. Не сметајте се себеси за мудри.

  17. 17

    Никому не враќајте зло за зло. Грижете се да го правите она што е добро пред сите луѓе.

  18. 18

    Ако е можно, колку што зависи од вас, живејте во мир со сите луѓе.

  19. 19

    Не одмаздувајте се сами, сакани, туку оставете место за Божјиот гнев, зашто е напишано: „Одмаздата е Моја; Јас ќе возвратам – вели Господ.“

  20. 20

    Напротив: „Ако твојот непријател е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го. Зашто, правејќи го тоа, ќе натрупаш жар врз неговата глава.“

  21. 21

    Не дозволувај злото да те победи, туку победувај го злото со добро.