Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 13

  1. 1

    Секој човек нека им се покорува на властите над него, зашто нема власт што не е од Бог, а постојните власти се поставени од Бог.

  2. 2

    Затоа оној што ѝ се противи на власта ѝ се противи на Божјата одредба, а оние што се противат ќе навлечат осуда врз себе.

  3. 3

    Владетелите не се причина за страв кај оние што прават добро, туку кај оние што прават зло. Сакаш ли да не се плашиш од власта? Прави добро, и ќе добиеш пофалба од неа.

  4. 4

    Таа е Божја слугинка за твое добро. Но ако правиш зло, плаши се, зашто не го носи мечот залудно. Таа е Божја слугинка, која го извршува гневот врз оној што прави зло.

  5. 5

    Затоа треба да се покорувате, не само поради казната, туку и поради совеста.

  6. 6

    Поради тоа плаќате и даноци, зашто властите се Божји служители, кои постојано се занимаваат со таа служба.

  7. 7

    Дајте му го секому она што му го должите: кому данок – данок; кому царина – царина; кому почит – почит; кому чест – чест.

  8. 8

    Не должете никому ништо, освен да се љубите еден со друг, зашто оној што го љуби ближниот го исполнил Законот.

  9. 9

    Зашто заповедите: „Не прави прељуба“, „Не убивај“, „Не кради“, „Не посакувај“ – и секоја друга заповед – се опфатени во оваа заповед: „Љуби го својот ближен како себеси.“

  10. 10

    Љубовта не му прави зло на ближниот. Затоа љубовта е исполнување на Законот.

  11. 11

    Правете го тоа, знаејќи го времето: веќе е час да се разбудите од сон, зашто сега спасението ни е поблиску отколку кога поверувавме.

  12. 12

    Ноќта одмина, а денот се приближи. Затоа да ги отфрлиме делата на темнината и да се облечеме во оружјето на светлината.

  13. 13

    Да живееме чесно, како дење – не во гозби и пијанства, не во разврат и разузданост, не во караници и завист.

  14. 14

    Туку облечете се во Господ Исус Христос и не правете планови како да ги задоволувате телесните похоти.