Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 2

  1. 1

    Затоа немаш изговор, човеку, кој и да си, ти што судиш, зашто со тоа што му судиш на другиот, самиот себе се осудуваш, бидејќи ти, кој судиш, ги правиш истите работи.

  2. 2

    Знаеме дека Божјиот суд над оние што прават такви работи е според вистината.

  3. 3

    А ти, човеку, кој им судиш на оние што прават такви работи, а и самиот ги правиш, мислиш ли дека ќе го избегнеш Божјиот суд?

  4. 4

    Или го презираш богатството на Неговата добрина, воздржливост и трпеливост, не знаејќи дека Божјата добрина те води кон покајание?

  5. 5

    Но поради својата тврдоглавост и непокајано срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие Божјиот праведен суд.

  6. 6

    Тој ќе му возврати секому според неговите дела:

  7. 7

    вечен живот на оние што истрајно прават добро и бараат слава, чест и нераспадливост,

  8. 8

    а гнев и јарост на оние што се себични, не ѝ се покоруваат на вистината, туку ѝ се покоруваат на неправедноста.

  9. 9

    Неволја и мака ќе дојдат врз секоја човечка душа што прави зло – најнапред врз Јудеецот, а потоа и врз Елинот;

  10. 10

    а слава, чест и мир за секој што прави добро – најнапред за Јудеецот, а потоа и за Елинот.

  11. 11

    Зашто Бог не е пристрасен.

  12. 12

    Сите што згрешиле без Законот, без Законот и ќе загинат; а сите што згрешиле под Законот, според Законот ќе бидат судени.

  13. 13

    Зашто пред Бог не се праведни оние што само го слушаат Законот, туку ќе бидат оправдани оние што го извршуваат Законот.

  14. 14

    Кога незнабожците, кои го немаат Законот, по природа го прават она што Законот го бара, тие, иако го немаат Законот, самите на себе се закон.

  15. 15

    Тие покажуваат дека делото на Законот е напишано во нивните срца. За тоа сведочи и нивната совест, а нивните мисли меѓусебно ги обвинуваат или ги оправдуваат.

  16. 16

    Тоа ќе се покаже во денот кога Бог, според моето Евангелие, преку Исус Христос ќе ги суди тајните на луѓето.

  17. 17

    А ти се нарекуваш Јудеец, се потпираш на Законот и се фалиш со Бог;

  18. 18

    ја знаеш Неговата волја и, поучуван од Законот, умееш да го препознаеш она што е подобро;

  19. 19

    уверен си дека си водач на слепите, светлина на оние што се во темнина,

  20. 20

    воспитувач на неразумните и учител на незрелите, бидејќи во Законот го имаш обликот на знаењето и вистината.

  21. 21

    Ти, пак, што поучуваш друг, зар не се поучуваш себеси? Ти што проповедаш да не се краде, зар крадеш?

  22. 22

    Ти што велиш да не се прави прељуба, зар правиш прељуба? Ти што се гнасиш од идолите, зар ограбуваш храмови?

  23. 23

    Ти што се фалиш со Законот, зар со престапувањето на Законот Го обесчестуваш Бог?

  24. 24

    Зашто, како што е напишано: „Поради вас Божјото име се хули меѓу незнабожците.“

  25. 25

    Обрежувањето навистина е полезно, ако го извршуваш Законот; но ако го престапуваш Законот, твоето обрежување станува необрежување.

  26. 26

    Ако необрежаниот ги пази праведните барања на Законот, нема ли неговото необрежување да му се смета како обрежување?

  27. 27

    И оној што по природа е необрежан, а го исполнува Законот, ќе те осуди тебе, кој и покрај пишаниот Закон и обрежувањето го престапуваш Законот.

  28. 28

    Зашто не е Јудеец оној што е таков само однадвор, ниту е вистинско обрежување она што е надворешно, на телото.

  29. 29

    Туку вистински Јудеец е оној што е таков однатре, а вистинското обрежување е обрежување на срцето, од Духот, а не според буквата. Неговата пофалба не доаѓа од луѓето, туку од Бог.