Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 4

  1. 1

    Што тогаш ќе кажеме дека стекнал Авраам, нашиот прататко по тело?

  2. 2

    Ако Авраам беше оправдан преку дела, би имал со што да се фали, но не пред Бог.

  3. 3

    Зашто што вели Писмото? „Авраам Му поверува на Бог, и тоа му беше припишано за праведност.“

  4. 4

    На оној што работи, платата не му се смета како дар, туку како долг.

  5. 5

    Но на оној што не се потпира на дела, туку верува во Оној Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се припишува за праведност.

  6. 6

    Така и Давид зборува за блаженството на човекот кому Бог му припишува праведност независно од делата:

  7. 7

    „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени.

  8. 8

    Блажен е човекот кому Господ нема да му го припише гревот.“

  9. 9

    Дали ова блаженство е само за обрежаните или и за необрежаните? Зашто велиме: „Верата му беше припишана на Авраам за праведност.“

  10. 10

    Кога му беше припишана – по обрежувањето или пред обрежувањето? Не по обрежувањето, туку пред него.

  11. 11

    Тој го прими знакот на обрежувањето како печат на праведноста што ја имаше преку верата додека уште беше необрежан, за да биде татко на сите необрежани што веруваат, та и ним да им биде припишана праведноста,

  12. 12

    и татко на обрежаните – не само на оние што се обрежани, туку и на оние што одат по стапките на верата што ја имаше нашиот татко Авраам пред обрежувањето.

  13. 13

    Ветувањето дека ќе биде наследник на светот не му беше дадено на Авраам или на неговото потомство преку Законот, туку преку праведноста што доаѓа од верата.

  14. 14

    Ако наследници се оние што се потпираат на Законот, верата станува безвредна, а ветувањето поништено.

  15. 15

    Зашто Законот предизвикува гнев; а каде што нема Закон, нема ни престап.

  16. 16

    Затоа ветувањето е од вера, за да биде според благодатта и да биде сигурно за целото потомство – не само за она што е под Законот, туку и за она што ја има верата на Авраам. Тој е татко на сите нас,

  17. 17

    како што е напишано: „Те поставив за татко на многу народи.“ Тој е наш татко пред Бог, на Кого Му поверува – Бог Кој ги оживува мртвите и го повикува во постоење она што не постои.

  18. 18

    Иако немаше причина за надеж, Авраам сепак поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според кажаното: „Такво ќе биде твоето потомство.“

  19. 19

    Не ослабна во верата кога го согледа своето [веќе] онемоќено тело – имаше речиси сто години – и неплодноста на утробата на Сара.

  20. 20

    Не се посомнева во Божјото ветување поради неверие, туку се зацврсти во верата и Му даде слава на Бог,

  21. 21

    целосно уверен дека Бог е моќен да го исполни она што го ветил.

  22. 22

    Затоа верата „му беше припишана за праведност“.

  23. 23

    Но зборовите „му беше припишана“ не се напишани само за него,

  24. 24

    туку и за нас. И нам ќе ни биде припишана, нам што веруваме во Оној Кој Го воскресна од мртвите Исус, нашиот Господ.

  25. 25

    Тој беше предаден поради нашите престапи и беше воскреснат за наше оправдување.