Римјаните
Глава 5
- 1
И така, оправдани преку вера, имаме мир со Бог преку нашиот Господ Исус Христос.
- 2
Преку Него добивме и пристап [преку вера] до оваа благодат во која стоиме, и се радуваме во надежта за Божјата слава.
- 3
И не само тоа, туку се радуваме и во неволјите, знаејќи дека неволјата создава истрајност,
- 4
истрајноста – проверен карактер, а проверениот карактер – надеж.
- 5
А надежта не разочарува, зашто Божјата љубов е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни е даден.
- 6
Зашто, додека уште бевме немоќни, Христос во определеното време умре за безбожниците.
- 7
Едвај некој би умрел за праведен човек, иако за добар човек можеби некој би се осмелил да умре.
- 8
Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници.
- 9
Затоа, откако сега сме оправдани со Неговата крв, уште повеќе преку Него ќе бидеме спасени од Божјиот гнев.
- 10
Зашто, ако додека бевме непријатели се помиривме со Бог преку смртта на Неговиот Син, уште повеќе, откако сме помирени, ќе бидеме спасени преку Неговиот живот.
- 11
И не само тоа, туку се радуваме во Бог преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого сега го примивме помирувањето.
- 12
Затоа, како што преку еден човек гревот влезе во светот, а преку гревот смртта, така смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија.
- 13
Гревот беше во светот и пред Законот, но гревот не се припишува кога нема Закон.
- 14
Сепак, смртта царуваше од Адам до Мојсеј и над оние што не згрешија на ист начин како Адам, кој е предобраз на Оној што требаше да дојде.
- 15
Но дарот не е како престапот. Зашто, ако поради престапот на еден човек мнозина умреа, уште повеќе Божјата благодат и дарот што дојде преку благодатта на еден Човек, Исус Христос, изобилно се излеаја врз мнозина.
- 16
Дарот не е како последицата од гревот на еден човек: судот по еден престап донесе осуда, а дарот по многу престапи донесе оправдување.
- 17
Ако поради престапот на еден човек смртта царуваше преку тој еден, уште повеќе оние што го примаат изобилството на благодатта и дарот на праведноста ќе царуваат во животот преку Единиот – Исус Христос.
- 18
Значи, како што преку еден престап дојде осуда врз сите луѓе, така преку едно праведно дело дојде оправдување што носи живот за сите луѓе.
- 19
Како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така преку послушноста на Единиот мнозина ќе станат праведни.
- 20
Законот дојде за престапот да се умножи; но каде што се умножи гревот, благодатта уште повеќе изобилуваше,
- 21
та како што гревот царуваше преку смртта, така и благодатта да царува преку праведноста за вечен живот, преку Исус Христос, нашиот Господ.