Прескокни кон главната содржина

Римјаните

Глава 6

  1. 1

    Што тогаш ќе кажеме? Да останеме ли во гревот, за благодатта да се умножи?

  2. 2

    Никако! Ние, кои умревме за гревот, како уште ќе живееме во него?

  3. 3

    Или не знаете дека сите ние што бевме крстени во Христос Исус, бевме крстени во Неговата смрт?

  4. 4

    Затоа преку крштевањето бевме погребани со Него во смртта, та како што Христос беше воскреснат од мртвите преку славата на Таткото, така и ние да живееме нов живот.

  5. 5

    Зашто, ако сме соединети со Него во смрт слична на Неговата, ќе бидеме соединети со Него и во воскресението.

  6. 6

    Знаеме дека нашата стара грешна природа беше распната со Него, за грешното тело да биде лишено од сила и ние повеќе да не му робуваме на гревот.

  7. 7

    Зашто оној што умрел е ослободен од гревот.

  8. 8

    Ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме.

  9. 9

    Знаеме дека Христос, откако беше воскреснат од мртвите, повеќе не умира; смртта веќе нема власт над Него.

  10. 10

    Кога умре, Тој умре за гревот еднаш засекогаш; а животот што го живее, го живее за Бог.

  11. 11

    Така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бог во Христос Исус.

  12. 12

    Затоа гревот нека не царува во вашето смртно тело, за да им се покорувате на неговите желби.

  13. 13

    Не предавајте му ги членовите на своето тело на гревот како орудија на неправедноста, туку предајте Му се на Бог како оживеани од мртвите, а членовите на своето тело предајте Му ги на Бог како орудија на праведноста.

  14. 14

    Гревот нема да господари над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта.

  15. 15

    Што тогаш? Да грешиме ли затоа што не сме под Законот, туку под благодатта? Никако!

  16. 16

    Не знаете ли дека, кога некому му се предавате како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате – или на гревот, што води во смрт, или на послушноста, што води во праведност?

  17. 17

    Но Му благодариме на Бог што, иако бевте робови на гревот, од срце станавте послушни на образецот на учењето на кој бевте предадени.

  18. 18

    Откако бевте ослободени од гревот, станавте слуги на праведноста.

  19. 19

    Зборувам на човечки начин поради слабоста на вашето тело. Како што порано ги предававте членовите на своето тело да им робуваат на нечистотата и беззаконието, што води во уште поголемо беззаконие, така сега предајте ги да ѝ служат на праведноста, што води во осветување.

  20. 20

    Додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста.

  21. 21

    Каков плод имавте тогаш од оние дела од кои сега се срамите? Нивниот крај е смрт.

  22. 22

    Но сега, ослободени од гревот и станати Божји слуги, имате плод што води кон осветување, а крајот е вечен живот.

  23. 23

    Зашто платата за гревот е смрт, а Божјиот дар е вечен живот во Христос Исус, нашиот Господ.