Рута
Глава 3
- 1
Еден ден нејзината свекрва Ноемина ѝ рече: „Ќерко моја, зар не треба да ти најдам сигурен дом, за да ти биде добро?
- 2
Зар Вооз, со чии слугинки беше, не е наш роднина? Ете, оваа ноќ тој ќе го провејува јачменот на гумното.
- 3
Измиј се, намачкај се со мирисливо масло, облечи ги своите алишта и слези на гумното. Но не покажувај му се сѐ додека не заврши со јадењето и пиењето.
- 4
Кога ќе легне, забележи го местото каде што лежи. Потоа пријди, подигни ја покривката кај неговите нозе и легни таму. Тој ќе ти каже што да правиш.“
- 5
Рута ѝ одговори: „Ќе направам сѐ што ми кажуваш.“
- 6
Така слезе на гумното и направи сѐ што ѝ заповеда нејзината свекрва.
- 7
Вооз јадеше и пиеше и беше задоволен. Потоа отиде да легне крај купот јачмен. Рута тивко пријде, ја подигна покривката кај неговите нозе и легна.
- 8
Околу полноќ човекот се стресе и се сврте, и ете, една жена лежеше кај неговите нозе.
- 9
Тој праша: „Која си ти?“ Таа одговори: „Јас сум Рута, твојата слугинка. Распростри го крајот на својата облека над својата слугинка, зашто си близок роднина со право на откуп.“
- 10
Тој рече: „Господ нека те благослови, ќерко моја! Оваа твоја последна постапка покажува уште поголема верност од првата, зашто не тргна по некој млад човек, без разлика дали е сиромашен или богат.
- 11
А сега, ќерко моја, не плаши се. Ќе направам за тебе сѐ што бараш, зашто сите во мојот град знаат дека си чесна жена.
- 12
Вистина е дека сум близок роднина со право на откуп, но има друг роднина што е поблизок од мене.
- 13
Остани овде оваа ноќ. Утре, ако тој сака да ја исполни својата роднинска должност кон тебе, добро - нека ја исполни. Но ако не сака, тогаш, се колнам во живиот Господ, јас ќе ја исполнам. Лежи тука до утрото.“
- 14
Таа лежеше кај неговите нозе до утрото, но стана пред да може човек да препознае друг човек. Вооз рече: „Нека не се дознае дека жена дошла на гумното.“
- 15
Потоа рече: „Донеси ја наметката што е врз тебе и држи ја.“ Таа ја придржа, а тој измери шест мери јачмен, ѝ ги натовари и таа отиде во градот.
- 16
Кога дојде кај својата свекрва, таа ја праша: „Како помина, ќерко моја?“ Рута ѝ раскажа сѐ што направил човекот за неа.
- 17
Потоа рече: „Ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: ‚Не враќај се со празни раце кај својата свекрва.‘“
- 18
Ноемина ѝ рече: „Остани мирна, ќерко моја, додека не видиш како ќе заврши работата, зашто човекот нема да се смири додека не ја заврши уште денес.“