Песна над песните
Глава 2
- 1
Јас сум цвет од Шарон, крин од долините.
- 2
Како крин меѓу трње, таква е мојата љубена меѓу девојките.
- 3
Како јаболкница меѓу шумските дрвја, таков е мојот возљубен меѓу младичите. Со радост седнав под неговата сенка, а неговиот плод беше сладок за моето непце.
- 4
Ме внесе во гозбената одаја, а неговото знаме над мене е љубов.
- 5
Поткрепете ме со колачи од суво грозје, освежете ме со јаболка, зашто сум изнемоштена од љубов.
- 6
Неговата лева рака е под мојата глава, а со десната ме прегрнува.
- 7
Ве заколнувам, ќерки ерусалимски, во газелите и во срните полски: не будете ја и не разгорувајте ја љубовта додека самата не посака.
- 8
Го слушам гласот на мојот возљубен! Еве, доаѓа, прескокнува преку планините и потрчува преку ридовите.
- 9
Мојот возљубен е како газела или како млад елен. Еве го, стои зад нашиот ѕид, гледа низ прозорците и ѕирка низ решетките.
- 10
Мојот возљубен проговори и ми рече: „Стани, љубена моја, убавице моја, и дојди!
- 11
Зашто ете, зимата помина, дождот престана и си замина.
- 12
Цветовите се појавија по земјата, дојде времето за песна и гласот на грлицата се слуша во нашата земја.
- 13
Смоквата ги зрее своите рани плодови, а расцветаните лози го шират својот мирис. Стани, љубена моја, убавице моја, и дојди!
- 14
Гулабице моја, скриена во пукнатините на карпата, во засолништата на стрмнината, покажи ми го своето лице, дај ми да го слушнам твојот глас, зашто твојот глас е сладок, а твоето лице прекрасно.“
- 15
Фатете ни ги лисиците, малите лисици што ги уништуваат лозјата, зашто нашите лозја се во цвет.
- 16
Мојот возљубен е мој, а јас сум негова; тој го пасе стадото меѓу криновите.
- 17
Додека денот не здивне и сенките не побегнат, врати се, возљубен мој; биди како газела или како млад елен по планините Бетер.