Песна над песните
Глава 4
- 1
Колку си убава, љубена моја, колку си убава! Твоите очи зад превезот се како гулаби. Твојата коса е како стадо кози што се спуштаат по падините на Гилад.
- 2
Твоите заби се како стадо штотуку истрижени овци што излегуваат од капење; сите се во парови и ниедна не недостига.
- 3
Твоите усни се како црвена нишка, а твојот говор е прекрасен. Твоите слепоочници зад превезот се како половинки од калинка.
- 4
Твојот врат е како Давидовата кула, изградена за оружје; на неа висат илјада штитови, сите штитови на храбрите воини.
- 5
Твоите две гради се како две срненца, близнаци на газела, што пасат меѓу криновите.
- 6
Додека денот не здивне и сенките не побегнат, ќе одам на планината на смирната и на ридот на темјанот.
- 7
Целата си убава, љубена моја; нема недостаток на тебе.
- 8
Дојди со мене од Ливан, невесто моја, дојди со мене од Ливан. Погледни од врвот Амана, од врвовите Сенир и Хермон, од лавовските легла и од планините на леопардите.
- 9
Ми го освои срцето, сестро моја, невесто моја; ми го освои срцето со еден поглед на твоите очи, со само еден украс од твојата огрлица.
- 10
Колку е прекрасна твојата љубов, сестро моја, невесто моја! Колку е подобра твојата љубов од вино, а мирисот на твоите масла од сите мириси!
- 11
Од твоите усни, невесто моја, капе мед; мед и млеко има под твојот јазик, а мирисот на твојата облека е како мирисот на Ливан.
- 12
Затворена градина си, сестро моја, невесто моја; затворен извор, запечатена чешма.
- 13
Твоите насади се градина од калинки со прекрасни плодови, со кана и нард,
- 14
нард и шафран, мирисна трска и цимет, со секакви дрвја од темјан, смирна и алое, со сите најубави мириси.
- 15
Ти си извор во градините, кладенец со жива вода и потоци што течат од Ливан.
- 16
Разбуди се, северен ветру, и дојди, јужен ветру! Дувнете низ мојата градина за да се разнесат нејзините мириси. Нека дојде мојот возљубен во својата градина и нека ги вкуси нејзините прекрасни плодови.