Прескокни кон главната содржина

Песна над песните

Глава 6

  1. 1

    Каде замина твојот возљубен, најубава меѓу жените? Каде се упати твојот возљубен, за да го побараме заедно со тебе?

  2. 2

    Мојот возљубен слезе во својата градина, меѓу леите со мирисни билки, за да пасе во градините и да собира кринови.

  3. 3

    Јас сум на мојот возљубен, а мојот возљубен е мој; тој го пасе стадото меѓу криновите.

  4. 4

    Убава си, љубена моја, како Тирца, прекрасна како Ерусалим, величествена како војска со развиорени знамиња.

  5. 5

    Тргни ги своите очи од мене, зашто ме совладаа. Твојата коса е како стадо кози што се спуштаат по падините на Гилад.

  6. 6

    Твоите заби се како стадо овци што излегуваат од капење; сите се во парови и ниедна не останала без својата двојка.

  7. 7

    Твоите слепоочници зад превезот се како половинки од калинка.

  8. 8

    Има шеесет царици, осумдесет наложници и девојки без број,

  9. 9

    но само една е мојата гулабица, мојата чиста; единствена е на својата мајка, избрана на онаа што ја родила. Девојките ја гледаат и ја нарекуваат блажена; цариците и наложниците ја фалат.

  10. 10

    Која е оваа што се појавува како зората, убава како месечината, светла како сонцето и величествена како војска со развиорени знамиња?

  11. 11

    Слегов во градината со ореви да го видам зеленилото во долината, да видам дали лозата напупила и дали калинките расцветале.

  12. 12

    Пред да се освестам, мојата душа ме понесе меѓу колите на мојот благороден народ.

  13. 13

    „Врати се, врати се, Шуламко! Врати се, врати се, да те погледаме!“ „Зошто гледате во Шуламката како во танцот на Маханаим?“