Захарија
Глава 10
- 1
Молете Го Господ за дожд во време благопријатно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд - зеленило во поле.
- 2
Зашто лажните гледачи зборуваат празни зборови, и вражачите гледаат лажливи работи и прикажуваат лажни соништа; тие утешуваат со празни зборови; затоа талкаат како овци, талкаат зашто немаат пастир.
- 3
Против пастирите се распали Мојот гнев, и јагнињата ќе ги пречекам; зашто Господ на небесните војски ќе го посети Своето стадо, Јудиниот дом, и ќе го подготви како силен коњ за бој.
- 4
Од него ќе направи аголен камен, од него - клин, од него лак за бој, од него ќе излезат сите управници на народот.
- 5
И тие ќе бидат како јунаци што ги газат непријателите како улична кал, и ќе се борат, бидејќи Господ е со нив, и ќе ги посрамат јавачите на коњи.
- 6
Ќе го зацврстам Јудиниот дом и ќе го спасам Јосифовиот дом, и ќе ги вратам, зашто Јас се смилив над нив, и тие ќе бидат како да не сум ги оставил: зашто Јас сум нивниот Господ Бог, и ќе ги чујам.
- 7
Како јунак ќе биде Ефрем; ќе се развесели нивното срце како вино да пиеле, па ќе го видат тоа нивните синови и ќе им се зарадува нивното срце; во восхит ќе им биде тогаш нивното срце во Господ.
- 8
Ќе дадам знак и ќе ги соберам, зашто ги откупив; ќе бидат многубројни како и порано;
- 9
ќе ги раселам меѓу народите, но во далечни земји тие ќе се сеќаваат на Мене и ќе живеат со своите деца, и ќе се вратат.
- 10
Ќе ги вратам од земјата Египетска и од Асирија ќе ги соберам; ќе ги доведам во земјата Галад и на Ливан, и нема да има доволно место за нив.
- 11
Ќе преминат по морето и ќе ги поразат морските бранови; ќе пресушат сите длабини на реката, и ќе се смири гордоста на Асирецот, и скиптарот ќе биде одземен од Египет.
- 12
Ќе ги зацврстам во Господ, и тие ќе одат во Неговото име, вели Господ.