Прескокни кон главната содржина

Захарија

Глава 9

  1. 1

    Пророчкиот збор на Господ е против земјата Хадрах, и во Дамаск ќе се задржи, зашто окото Господово ги набљудува сите луѓе, како и сите колена Израелеви;

  2. 2

    тоа е и над Емат, кој се граничи со него, и е над Тир и Сидон, зашто тие станале многу лукави.

  3. 3

    Тир изградил тврдина, натрупал сребро како прашина, и злато како улична кал.

  4. 4

    И, ете, Господ ќе го направи беден и ќе му ја скрши силата во морето, а и самиот ќе биде истребен со оган.

  5. 5

    Тоа ќе го види Аскалон, и ќе се уплаши, а и Газа - па и таа ќе затрепери многу, и Екрон, зашто ќе се засрами неговата надеж: нема да има цар во Газа, и Аскалон нема да се насели.

  6. 6

    Туѓо племе ќе живее во Азот, и Јас ќе ја уништам гордоста на Филистејците.

  7. 7

    Ќе ја извлечам крвта од нивната уста, нечистотијата од нивните заби и тие ќе паднат пред нашиот Бог и ќе бидат како водачи во Јуда, а Екрон ќе биде како Јевусеј.

  8. 8

    Ќе поставам стража околу Мојот дом против војската, против оние, кои преминуваат натаму и наваму, и нема повеќе да доаѓа непријател; зашто сега Јас ќе го гледам со Своите очи.

  9. 9

    Ликувај од радост, Сионова ќерко, извикувај, Ерусалимска ќерко; ете, твојот Цар доаѓа кај тебе, праведен е и победоносен, кроток, седнат на осле, младо осле.

  10. 10

    Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрем и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лак; и Тој ќе објави мир на народите, и Неговото царство ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата.

  11. 11

    А што се однесува до тебе, Израеле, заради крвта на заветот Јас ги пуштив затворените од ровот, каде што нема вода.

  12. 12

    Враќајте се во тврдината вие затворените, кои се надевате! А сега што ќе воспоставам, ќе ти дадам двојно.

  13. 13

    Зашто како лак ќе го затегнам Јуда и лакот ќе го наполнам со Ефрем, па ќе ги подигнам твоите синови, Сионе, против твоите синови, Еладо и тебе ќе те направам како меч јуначки.

  14. 14

    Ќе се појави над нив Господ и како молскавица ќе излета Неговата стрела; ќе загрми Господ Бог со трубата и ќе појде кон јужните бури со гласот на Својот гнев.

  15. 15

    Господ на небесните војски ќе ги брани, и тие ќе истребуваат и ќе ги газат дури и камењата за праќки; ќе пијат крв како вино; и ќе се наполнат како жртвени чаши, како аглите на жртвеникот.

  16. 16

    И нивниот Господ Бог ќе ги спаси во оној ден, како стадо од Својот народ; зашто тие ќе заблескаат како камења на круна во Неговата земја.

  17. 17

    О, колку голема ќе биде неговата доброта и каква ќе биде неговата убавина. Житото ќе ги весели момците, и виното девојките.