Захарија
Глава 8
- 1
И пак дојде збор од Господ на небесните војски:
- 2
вака вели Господ на небесните војски: „Ревнував за Ерусалим и за Сион со голема ревност и со голем гнев ревнував за него“.
- 3
Така вели Господ: „Ќе се обрнам кон Сион и ќе живеам во Ерусалим, и Ерусалим ќе се вика град на вистината, и планината на Господ на небесните војски ќе се вика - Света Гора“.
- 4
Така вели Господ на небесните војски - „И пак старци и старички ќе седат по улиците на Ерусалим, секој со своето стапче поради својата напредната возраст.
- 5
А и улиците на тој град ќе се исполнат со момчиња и девојки, кои ќе си играат по неговите улици“.
- 6
Вака вели Господ на небесните војски: „Ако тоа им биде чудно на другите во тие денови, зар ќе биде тоа чудно и во Моите очи?“ - вели Господ на небесните војски.
- 7
Вака вели Господ на небесните војски: „Ете, Јас ќе го спасам Својот народ од источната страна и од западната;
- 8
ќе ги доведам, и тие ќе живеат во Ерусалим и ќе бидат Мој народ, а Јас ќе им бидам Бог, во вистина и во правда“.
- 9
Така вели Господ на небесните војски: „Поткрепете ги сега своите раце вие, што ги слушате овие зборови од устата на пророците, кои беа од времето на основањето на домот за Господ на небесните војски, за да се изгради храмот.
- 10
Зашто пред тие денови немаше ни плата за човек ниту награда за трудот на животното; немаше спокојство од непријателите ни за оној што доаѓаше, ниту за оној што си одеше; и дозволував Јас секој човек да му е непријател на друг човек.
- 11
А сега за остатокот од овој народ Јас не сум веќе таков како во поранешните денови“ - вели Господ на небесните војски.
- 12
Зашто сеидбата ќе се врши во мир, лозата ќе го даде својот плод, земјата ќе го даде својот род, а и небесата ќе ја даваат својата роса; и сето тоа ќе го предадам на остатокот од овој народ.
- 13
И како што вие, доме Јудин и доме Израелев, бевте проколнати меѓу народите, така ќе ве избавам, и вие ќе бидете благословени; не плашете се, вашите раце нека се поткрепат!“
- 14
Зашто така вели Господ на небесните војски: „Како што определив да ве казнам, кога вашите татковци Ме прогневуваа - вели Господ на небесните војски - и не зажалив,
- 15
така пак определив во овие денови на Ерусалим да му направам добро и на Јудиниот дом; не бојте се!
- 16
Еве ги наредбите што треба вие да ги извршувате: зборувајте вистина еден на друг; праведно и мирољубиво судете кај вашите порти.
- 17
Никој од вас да не му мисли зло на својот ближен, и не посакувајте лажна клетва, зашто сето тоа Јас го мразам - вели Господ.“
- 18
И ми дојде збор од Господ на небесните војски:
- 19
Вака вели Господ на небесните војски: „Постот во четвртиот месец, постот во петтиот, постот во седмиот и постот во десеттиот месец за Јудиниот дом ќе бидат радост и голема веселба, сакајте ги вистината и мирот“.
- 20
Така вели Господ на небесните војски: „Уште ќе доаѓаат народи и жители од многу градови,
- 21
и ќе дојдат жителите од еден град кај жителите на друг град, - па ќе речат: да дојдеме да се помолиме пред лицето на Господ и да Го побараме Господ на небесните војски; тогаш секој ќе рече - ќе појдам и јас.
- 22
И ќе доаѓаат многу племиња и народи силни, за да го бараат Господ на небесните војски во Ерусалим и да се помолат пред лицето на Господ.
- 23
Така вели Господ на небесните војски: „Во тие денови ќе се фаќаат по десет души од разни народи за полата од Јудеец и ќе речат - ќе појдеме со тебе, зашто чувме дека Бог е со вас“.