Прескокни кон главната содржина

Захарија

Глава 11

  1. 1

    Отвори ги, Ливане, своите порти и оган нека ги проголта твоите кедри.

  2. 2

    Плачи, кипарисе, зашто падна кедарот, зашто и великаните се опустошени; ридајте, дабови васански, бидејќи е провалена непроодната планина.

  3. 3

    Се слуша гласот од плачењето на пастирите, бидејќи е опустошено нивното велелепие; се слуша рикањето на лавовите, зашто е опустошена убавината на Јордан.

  4. 4

    Така вели Господ Бог, мојот Бог: паси ги овците, определени за клање,

  5. 5

    кои купувачите ќе ги колат без пречка, а продавачите ќе им велат: „нека е благословен Господ; се збогативме!“ И нивните пастири нема да ги жалат.

  6. 6

    Зашто Јас веќе нема да им простувам на жителите од земјата, вели Господ; ете, ќе ги предадам луѓето, секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја поразуваат земјата, а Јас нема да ги избавувам од нивните раце.

  7. 7

    И ќе ги пасам овците во Хананската земја, определени за клање, најбедните овци. И ќе земам два стапа, едниот го нареков „Милост“, а другиот „Единство“; со нив ќе ги пасам овците.

  8. 8

    И ќе истребам тројца од пастирите во еден месец и ќе се одврати Мојата душа од нив, зашто и нивната душа ќе се одвраќа од Мене.

  9. 9

    Тогаш ќе речам: нема да ве пасам; онаа што умира, нека умре, и која загинува, нека загине; и тие, пак, што ќе останат нека се изедат една со друга.

  10. 10

    И така ќе го земам Својот стап благоволение и ќе го прекршам, за да го уништам заветот што го склучив со сите народи.

  11. 11

    И тој ќе биде уништен во оној ден, и тогаш ќе разберат сиромашните овци, кои Ме очекуваат, дека ова е збор од Господ.

  12. 12

    И ќе им речам: ако ви е угодно, дајте Ми ја Мојата награда; ако, пак, не - не давајте Ми ја; и тие Ми одредија плата триесет сребреници.

  13. 13

    А Господ ми рече: стави ги во храмската ризница - тоа е висока цена, со која ме оценија. И јас ги зедов тие триесет сребреници и ги фрлив во Господовиот дом за грнчарот.

  14. 14

    Го скршив и Својот друг стап - вериги, за да го раскинам братството меѓу Јуда и Израелот.

  15. 15

    И ми рече Господ: земи си уште нешто од пастирската опрема.

  16. 16

    Оти, ете, Јас ќе поставам пастир на оваа земја, кој нема да се грижи за оние што загинуваат, нема да ги бара загубените и болните нема да ги лекува, здравите нема да ги храни, а месото од згоените ќе го јаде, копитата, пак, ќе им ги откинува.

  17. 17

    Тешко му на овој мрзлив пастир, што го остава стадото! Меч ќе му стои над неговата рака и над неговото десно око! Раката наполно ќе му се исуши, и неговото десно око наполно ќе потемнее.