Захарија
Глава 6
- 1
Пак ги подигнав своите очи и гледам: а таму, ете, излегуваат четири коли со коњи од еден дол меѓу две планини, а тие планини беа од бакар.
- 2
Кај првата кола коњите беа црвеникави, кај втората црни;
- 3
кај третата кола коњите беа бели, а кај четвртата кола - сиви и силни.
- 4
Проговорив и му реков на ангелот, што зборуваше со мене: „А што значи ова, мојот господине?“
- 5
Ангелот одговори и ми рече: тоа се четирите небесни духа, кои излегуваат да се претстават пред Господ над целата земја.
- 6
Враните коњи излегуваа кон северната страна, а белите одеа по нив, додека сивите коњи одеа кон јужната страна.
- 7
Излегоа и силните, па се впуштија да ја обиколат земјата; и тој им рече: ‚обиколете ја земјата‘, и тие ја обиколија.
- 8
Тогаш тој ме повика и ми рече: ете, оние што отидоа кон северната страна, го успокоија Мојот дух против северната страна.
- 9
И повторно ми дојде Господовиот збор:
- 10
земи од дојдените робја, од Халдеја, од Товија и од Једаја, и тргни истиот ден, па дојди во домот на Јосија, синот на Софонија, каде што тие пристигнаа од Вавилон.
- 11
Земи од нив сребро и злато, па направи венци, и стави ги на главата на Исус, синот на Јоседек, првосвештеникот,
- 12
и речи им: вака вели Господ на небесните војски: „Ете, маж, името Му е Изданок, Тој ќе израсне од својот корен и ќе го изгради Господовиот храм.
- 13
Тој ќе го изгради Господовиот храм и ќе се прослави, ќе седне на својот престол и ќе биде владетел, ќе биде и свештеник на својот престол, и ќе има согласност за мир меѓу едниот и другиот.
- 14
А венци ќе бидат за Хелем и Товија, за Једаја и Хена, синот на Софонија, како спомен во Господовиот храм.
- 15
И оддалеку ќе дојдат луѓе, што ќе учествуваат во градењето на храмот, и вие тогаш ќе разберете, дека Господ на небесните војски ме испратил кај вас, и сето тоа ќе се изврши, ако искрено го послушате гласот на вашиот Господ Бог.“